Андерсон: Одмазда е тежок збор, но сакаме да го победиме Вардар

Ласе Андерсон немаше среќа во првата година во Барселона, откако тешка повреда подолго време го оддалечи од терените. Сепак, данскиот „бомбардер“ успешно ги надмина тие проблеми и сега со нетрпение го очекува првиот атак со Барса на трофејот во Лигата на шампионите. На патот на каталонскиот гигант стои нашиот првак Вардар, за кого Данецот има високо мислење.

„Дојдовме во Келн полни со позитивна енергија, решени да стигнеме до трофејот. Многумина прашуваат за одмазда кон Вардар за поразот од пред две години… за мене одмазда е тежок збор, ние едноставно сакаме да победиме бидејќи сме на само два меча од тронот на Европа и ќе сториме се за да се искачиме на него. Свессни сме дека задачата нема да биде нималку лесна, Вардар е тим што се победува само ако се игра стопроцентно бидејќи противникот има квалитетни ракометари на сите позиции“ – истакнува Андерсон.

Каталонците рано утринава први пристигнаа во Келн, додека „вардарци“ ќе дојдат доцна вечерва, последни од четирите учесници на Ф4, поради откажаниот лет од Виена кон градот-домаќин на фајналфор турнирот.

Се вчитува...