Андоновски кандидат за селектор: Со мене би донел и леворак странец!

Актуелниот тренер на РК Охрид, Горан Андоновски е еден од кандидатите кои аплицираа до Ракометната федерација на Македонија за нов македонски селектор. Покрај Андоновски, како што е познато досега, меѓу кандидатите за нов предводник на националниот тим се и Словенецот Борис Денич и Хрватот Ненад Кљајиќ.

Андоновски вели дека поднел кандидатура поради верувањето дека македонската ракометна репрезентација може многу повеќе на меѓународен план од резултатите низ изминатите неколку циклуси.

„Аплицирав на конкурсот на РФМ за избор на нов селектор затоа што мислам дека ја заслужувам таа позиција со резултатите што ги постигнувам со РК Охрид 2013 од основањето на клубот во 2011 година до денес. Со минимални буџети на клубот четири години по ред сме во врвот на македонскиот ракомет, а минатата година стигнавме до второто коло на Купот на ЕХФ. Воспоставив план на работа во сите категории  на клубот од пионери до сениори кој се покажа како повеќе од успешен. Низ тековнава 2018/2019 сезона во моментов сениорите се втори во Супер лига, младинците се неприкосновено први без ниеден изгубен бод во својата група, а пионерите трети. Имаме тројца кадетски репрезентативци Ивановски, Костов, Андоновски…, во првата екипа во составот играат седум ракометари кои потекнуваат од Охрид, од кои двајца се во почетниот состав, Андоновски и Тасески. Одлично ги познавам приликите во македонскиот ракомет, ги следам сите настапи и форма на потенционалните репрезентативци без разлика дали се сениори, младинци, кадети или пионери“ – вели Андоновски околу кандидатурата за нов македонски селектор, притоа изнесувајќи и дел од своите визии за водење на националниот тим.

„Доколку ја добијам довербата ќе формирам свој стручен штаб кој би ја контролирал работата на сите категории на играчи во Македонија. А, единствено кој би можел да ја контролира работата на мојот стручен штаб би бил новоформиран совет на ракометни тренери кои би го формирале Здружението на ракометни тренери на Македонија. Организациски би составил селекција од максимум 25 играчи во младинска и сениорска конкуренција. Покрај задолжителните собири за квалификациските натпревари, ќе барам уште најмалку четири собири и тоа во есенскиот и пролетниот период од неколку дена. Што се однесува до играчкиот состав ќе играат играчи кои се во најдобра форма без разлика од кој клуб доаѓаат и кои имаат физички и ментални предиспозиции да играат за репрезентација“ – истакнува стратегот на Охрид.

Дали доколку биде избран за селектор би имало сериозни промени во играчкиот кадар?

„Доколку бидам избран за селектор прво прашање кое би го решил е позицијата десен бек. Моментално потенцијалите за тоа место во репрезентацијата Велковски односно Серафимов не можат да одговарат на предизвиците и континуитетот на селекцијата на европски и светски првенства. Мислам дека мора да се даде државјанство на еден добар странски леворак играч, а претходно спомнатите да се втора опција. За останатите места во тимот ракометна Македонија има решенија. Притоа воопшто не сакам да размислувам за некој четиригодишен циклус селекторување. Јас конкретно барам една година доверба, па ако се покажат исправни моите принципи на работа секако и постигнатите резултати, тогаш би ја продолжиле соработката со РФМ“ – вели Андоноски.

Ракометната Федерација на Македонија до крајот на оваа седмица ќе го именува новиот селектор на сениорската репрезентација, стратег што ќе има одговорна задача да го наследи Раул Гонзалес и да го одржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Распишаниот конкурс од страна на РФМ заврши вчера, а по дадените дополнителни 24 часа за пристигнување на апликациите испратени преку пошта, комисијата составена од Гино Стрезовски, Дарко Алексов и Ѓорги Тренкоски ќе ги разгледува сите кандидати кои покажаа интерес за селекторската функција во нашиот национален тим.

Се вчитува...