Андре Силва ќе биде предводник на нападот на Севилја во наредната сезона откако шпанскиот клуб ги договори сите детали од трансферот со Милан. „Росонерите“ бараа начин да се ослободат од Португалецот, кој секако ќе беше резерва по доаѓањето на Игуаин, бараа 32 милиони евра, но откако никој не им понуди толкава сума постигнаа договор со Севилја, за едногодишна позајмица со откупна клаузула од 38 милиони на крајот од сезоната.
Шпанскиот клуб подолго време беше во потрага по нов голгетер, не успеа да ги доведе Ребиќ, Абубакар и Батшуаи, но на крајот успеа да ги финишира преговорите со Милан за португалскиот ас.
Трансферот на Андре Силва од Порто во Милан важеше за еден од најзначајните на италијанскиот гигант минатото лето, но Португалецот не се снајде на „Сан Сиро“, постигна само два гола во „Серија А“, што беше главна причина тој летово повторно да ги менува клупските бои.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА