Андреј Златевски, новиот македонски ФИБА судија: Верувам дека ќе бидам успешен репрезент на мак-кошарката во Европа

Андреј Златевски e новиот македонски кошаркарски судија со знакот на ФИБА, кој продолжува онаму каде што застана неговиот татко, еден од најславните македонски кошаркарски судии, Зоран Златевски.

Го достигна врвот во судењето на само 28 годишна возраст, а заедно со својата колешка, Ема Никочевиќ, ја поминаа онаа „обука“ на судискиот департмент на ФИБА, па веќе од оваа сезона може да очекува и евро-номинации.

„Бев кошаркар пет години пред да станам судија, играв како бек-шутер, бек поентер, тоа сега така се опишува во модерната кошарка. Тоа беше онаа почетна фаза што се нарекува младинска кошарка. А, кариерата како судија ја започнав во 2010 година. Почнав да судам на највисоко ниво во сезоната 2017/2018. Минатата сезона водев околу 60 натпревари со ‘тројца судии’ и околу половина од нив на највисоко ниво“ – вели Андреј Златевски по обуката за ФИБА судија.

Меѓу своите силни страни како судија Златевски ги истакнува одлучниот карактер, но коректната комуникација со сите актери на теренот…

„Јас ја сакам кошарката. Исто така, сакам да гледам и да судам кошарка. Мислам дека ова ми дава сила да ги разбирам сите актери на теренот, во добра физичка форма сум, по природа сум одлучувачка личност и секогаш се трудам да дејствувам позитивно со сите, да ги наречам, ‘засегнати’ страни. Мислам дека сум добар во комуникацијата, но сепак мислам дека има простор за подобрување на ова поле. Исто така, мислам дека можам да се подобрам во делот за ментална подготовка пред натпреварот“.

Не крие дека на терените, пак, секогаш има и позитивно и негативно искуство…

„Секое искуство поврзано со кошарката за мене е многу убаво и пријатно. Ја сакам таа можност, ‘службата’ во судиската организација ми дава простор да запознавам нови луѓе. Да стекнам нови пријатели од целиот свет. Како судии, нашата работа има многу пријатни моменти, но понекогаш може да биде навистина тешко да се справиме. Кое е најлошото искуство што некогаш сум го имал како судија? Би спомнал еден натпревар кога сум бил уште млад и ситуација во која имаше обид од еден играч да нападне еден од моите колеги. За среќа навреме ја откривме ситуацијата и успеавме да го запреме играчот“.

Андреј Златевски и Ема Никочевиќ

 

Сега, откако станавте судија на ФИБА, која е вашата цел во судењето?

Што и да правам во животот, се трудам да го направам на најдобар можен начин. Така, мојата цел е секогаш да се трудам да бидам најдобрата верзија од себе. Секој ден се обидувам да научам нешто ново. Ја добив целосната поддршка од Одделот за судии на ФИБА Европа додека бев на пат да станам ФИБА судија. Сега кога станав дел од семејството очекувам оваа соработка да продолжи на изедначено, повисоко ниво и можам да продолжам да се подобрувам секој ден“ – вели новиот носител на т.н. „бела“ судиска лиценца на ФИБА.

Се вчитува...