Aнгеловски: Благодарност до ФФМ, ќе го вложам сиот свој потенцијал за да ја израдуваме Македонија и од ЕП

Селекторот со кој Македонија го обезбеди настапот на првото сениорско европско првенство, Игор Ангеловски ќе го води националниот тим и на ЕВРО 2020 во јуни, по постигнатиот договор за продолжување на соработката со ФФМ.

Ангеловски по договорот со ФФМ искажа благодарност до првиот човек на ФФМ и Управниот одбор за укажаната доверба најавувајќи дека ќе ги вложи сите сили за успешен настап на Европското првенство.

„Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа. Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, се она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката. Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава“ – изјави селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски.

Се вчитува...