Ангеловски: Имам максимална доверба во сите фудбалери, без разлика на клупската минутажа

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска во Белек, на „Глорија Арена“, со почеток во 17 часот, го игра првиот пријателски натпревар против Финска, во рамките на овој циклус наменет за тестирање на формата, во пресрет на стартот на Лигата на нации. Селекторот Игор Ангеловски верува дека националниот тим че продолжи таму каде што застана во 2017 година, со серија од пет натпревари без пораз, која треба да се надгради со нови триумфи и против Финска, и против Азербејџан.

„Финска е квалитетна селекција, заслужува респект, па иако имаат неколку повредени фудбалери, ние сме максимално фокусирани на нашата игра. Најважно е што сите репрезентативци се здрави и подготвени за настап и очекувам да го дадат својот максимум. Ќе биде убаво да ја продолжиме серијата на настапи без пораз, а нашата интенција, без разлика кој е противникот, е да сториме се за да стигнеме до победа“, изјави селекторот Ангеловски на денешниот брифинг.

Дел од репрезентативците немаат голема минутажа во клубовите, тоа е наша стара болка, но селекторот ќе им даде максимална доверба. Дури и на Дарко Велковски, кој е деградиран меѓу младинците на Вардар.

„Верувам максимално во избраните фудбалери. Тие со својот квалитет покажаа дека заслужуваат да ја добијат шансата и јас нема да отстапам од тоа. Мислам дека сите што ќе добијат можност за настап, и на денешниот меч против Финска, а и по четири дена со Азербејџан, ќе ја искористат на најдобар можен начин“, истакнува Ангеловски.

Дуелот меѓу Македонија и Финска ќе се одигра денеска, со почеток во 17 часот по македонско време, во комплексот „Глорија Арена“ во Белек.

Се вчитува...