Македонскиот селектор Игор Ангеловски очекува сите повикани репрезентативци за престојните два квалификациски натпревари против Полска и против Австрија во Скопје да го дадат максимумот и уште еднаш да ја израдуваат целокупната домашна спортска јавност.
Ангеловски го соопшти списокот на кој се 23 фудбалери, меѓу кои повратниците Адеми, Радески и младиот Чурлинов, а без повредените Тричковски и Спировски. Изминатиов период на повреди се жалеа и Алиоски, Несторовски и Трајковски, но тие се на списокот па дополнително ќе се види колку ќе можат да помогнат за двата важни квалификациски натпревари.
„На списокот се фудбалери кои долго се во репрезентацијата. Се враќаат Адеми и Радески после повредите. Алиоски имаше оперативен зафат, повредени се Несторовски и Трајковски, но се додека има шанси веруваме дека ќе можат да настапат. Полска и Австрија се квалитетни селекции, но јас сакам ние да бидеме максимално подготвени и да го дадеме најдоброто од себе. Кога ние сме на наш максимум можеме да победиме и многу подобри од себе“ – истакна македонскиот селектор на денешната прес-конференција и дополни:
„Ова се мечеви што многу ни значат. Фудбалерите имаат голема желба и посветеност, Алиоски и Адеми се враќаат и сакаат да играат веднаш за националниот тим. Исто е и со Несторовски и Трајковски, иако беа повредени. Дарко Велкоски е здрав, би било идеално и да е стандарден во Ријека, но за нас е секако многу важен играч“.
Што се однесува до дуелот со секогаш атрактивната Полска…
„Полска има огромен индивидуален квалитет… Левандовски, Милик, Пјонтек, Зјелински се извонредни индивидуалци, но ќе се обидеме да ги неутрализираме“ – вели Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА