Ангеловски: Нема што да стравуваме, нека размислуваат Словенците повеќе за нас

ЕКИПА во Љубљана,

Никола Ѓуровски

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски верува дека неговите избраници може да одиграат нов квалитетен натпревар на стартот од квалификациите за пласман на ЕП 2020. По онаа победа против Летонија во Скопје, утре во Љубљана потежок меч против Словенија но зошто да не и повторно до победа?

„Утре е нов натпревар, нов противник, Словенија е квалитетен тим со опасни фудбалери во маневарот и со брз противнапад. Ќе се трудиме да ги неутрализираме, но исто така и тие нека размислуваат за нашите добри страни. Веруваме дека можеме да одиграме добар меч и да оствариме позитивен резултат“ – истакна Ангеловски на официјалната прес-конференција пред средбата.

Словенечките колеги, пак, ги интересираше мислењето на селекторот за младиот Елиф Елмас…

„Јас најмногу знам колку и како може Елмас. Против Летонија можеше и подобро“ – ги изненади селекторот Словенците со својот одговор.

Македонија официјалниот тренинг го одработи претпладнево на „Стожице“. Во моментов на стадионот каде утре ќе се игра натпреварот последниот тренинг го реализираат Словенците.

Се вчитува...