Ангеловски: Сакам да ја водам Македонија на ЕП, но на ФФМ е сега дали ќе го продолжиме договорот

Игор Ангеловски засекогаш ќе остане запишан во фудбалската историја на Македонија, како прв македонски селектор кој успеал да го одведе националниот тим на едно големо натпреварување. Со триумфот над Грузија „црвено-жолтите“ за првпат во историјата обезбедија пласман на европските првенства. Но, со ноемврискиот прозорец заврши и договорот на Ангеловски на клупата на македонската селекција.

Во интервју за полски „Спорт“, Ангеловски вели дека тој неговата работа ја заврши со пласманот на ЕП, а сега околу продолжување на договорот следниот чекор е на ФФМ. Ангеловски потенцира дека секако сака да ја води Македонија на ЕП.

„Актуелниот договор со ФФМ ми завршува на крајот на годината. Јас мојата работа ја завршив. Секако, сите знаат дека сакам да ги водам момците и на Европското првенство следната година. Сега е ред на ФФМ да го направи следниот чекор“, изјави Ангеловски. 

Македонија на Европското првенство ќе ги одмери силите со репрезентациите на Холандија, Украина и Австрија, а своите мечеви ќе ги играме во Букурешт и Амстердам.

Се вчитува...