Ангеловски: Верувам дека вистинската форма на репрезентативците ќе ја имаме за Лигата на нациите

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски искажа задоволство од играта на националниот тим на дуелот против Азербејџан, потенцирајќи дека од овој состав очекува сигурно вистинска форма и квалитетни настапи во Лигата на нациите.

„Може да кажам дека сум задоволен од одредени моменти во играта, но не и од резултатот против Азербејџан. Фудбалерите имаа одличен пристап на играта, покажаа дека се посветени кон овој дрес, создадовме шанси но ни недостасуваше реализација. Како и да е, овие два натпревари ни дадоа подобра слика пред Лигата на нациите. Очекувам репрезентативците во вистинска форма да бидат токму за Лигата на нациите“ – изјави Ангеловски по мечот со Азербејџан, притоа нагласувајќи дека Македонија принудена била на замени поради повреда на капитенот Горан Пандев, а потоа и Бобан Николов доби расекотина на лицето по директен удар од противнички фудбалер.

„Не сакам да го коментирам судењето, но мислам дека противничкиот фудбалер заслужи црвен картон по оној директен удар со лакт во лицето на Николов. Како и да е, се надевам дека и тој и Пандев не се посериозно повредени и веднаш ќе се стават на располагање во своите тимови“.

Се вчитува...