Ангеловски: Во овие квалификации знаеме што сакаме – победа на секој натпревар!

Македонскиот селектор Игор Ангеловски по објавувањето на списокот репрезентативци за првите два натпревари за пласман на ЕП 2020, потенцираше дека оваа селекција низ престојниот квалификациски циклус ќе биде репрезентација која на секој натпревар ќе оди на победа. Сето тоа во насока и за највисок пласман во групата…

„Списокот е стандарден, најавив дека нема да има големи промени. Мислам дека сме веќе добро воиграна репрезентација која знае што сака и на секој натпревар ќе оди на победа. Фокусот во моментов секако е на мечот со Летонија. Тоа е селекција која е составена главно од фудбалери од домашното првенство, но воопшто не е наивна. Напротив, треба максимален наш фокус и беспрекорна игра за да дојдеме до посакуваните три бода“ – истакна Ангеловски на средбата со медиумите, притоа дополнувајќи:

„Се враќа Дарко Велковски кој сега е стандарден во Ријека, тука се и Кире Маркоски и Дарко Чурлинов. Кај Тричковски и Спировски има ѕвездички на списокот, тие се неизвесни поради повреди. За жал го немаме и Аријан Адеми поради повреда, тој неодамна се оперираше. Но, сигурен сум дека сите оние кои ќе настапат соодветнот ќе одговорат на предизвикот“.

Македонија најпрво со Летонија игра на 21. март на националната арена „Филип Втори“ во Скопје, а потоа на 24. март во Љубљана е дуелот со Словенците. Собирот на репрезентацијата е на 18. март во Скопје.

Се вчитува...