Ангеловски: Знам дека цела Македонија чека од нас пласман на ЕП

Македонската репрезентација денеска го означи стартот на подготовките за првите два квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2020 кои не чекаат против Летонија на 21. март во Скопје и против Словенија на 24. март во Љубљана.

Селекторот Игор Ангеловски за време на денешниот прв собир во хотелот „Плаза“ во Скопје ја потенцираше уште еднаш цврстата определба да се биде максимално конкурентен низ престојниот квалификациски циклус во желбата за пласман на ЕП.

„Ако се зборува за генералните цели во овој циклус се уште е рано да се зборува за тоа. Факт е дека имаме два начина како да стигнеме до ЕП, а факт е и дека цела Македонија од нас очекува пласман на Европско првенство што е сон за секој од нас. И, искрено се надевам дека ќе успееме да се избориме за тоа“ – вели Ангеловски, притоа осврнувајќи се на првиот наш противник во квалификациите.

„Летонија е незгодна селекција составена главно од фудбалери од домашниот шампионат. Но, ние не бегаме од фаворитската улога против овој противник во желбата секако за три бода“.

Ангеловски за двата квалификациски натпревари и дефинитивно нема да може да смета на Иван Тричковски и Стефан Спировски кои отпаднаа поради повреди. Сите останати, освен голманот Столе Димитриевски кој доаѓа доцна вечерва, ќе се стават на располагање веќе од првиот тренинг попладне од 18:45 часот на тренинг центарот “Петар Милошевски”.

 

Се вчитува...