Англичаните го урнаа германскиот „ѕид“ во Лондон

Англија е седмиот четвртфиналист на ЕВРО 2020 откако „гордиот албион“ во жестока битка успеа да го совлада вечниот ривал Германија со 2-0, во пресметката што се играше на англискиот храм на фудбалот „Вембли“. Цели 75 можеше да се проследи израмнета битка, но избраниците на Саутгејт знаеја како да ги искористат своите шанси во завршницата и благодарение на Рахим Стерлинг и на Хари Кејн да се најдат меѓу најдобрите осум селекции на „Стариот континент“.

Германија почна супериорно, доминирајќи на теренот во почетните десетина минути, но англиските фудбалери потоа се ослободија од противничкиот притисок. Првото полувреме мина во тактичко надмудрување, во кое најубавата шанса ја промаши Тимо Вернер, чиј удар англискиот голман Пикфорд одлично го запре. Англија имаше убава можност пред крајот на полувремето, но Хумелс одлично интервенираше пред Хари Кејн во сопствениот петерец.

Вториот дел повторно почна со поголем посед на германските фудбалери, но Англија презеде контрола откако Грилиш влезе на теренот на местото на Сака. Асот на Астон Вила учествуваше во двете акции, додавајќи до асистентот Шо при водечкиот гол на Стерлинг, а потоа и самиот асистирајќи му на Хари Кејн за конечните 2-0. Германците имаат за што да жалат бидејќи при резултат 1-0 стопроцентна шанса имаше Томас Милер, кој излезе очи в очи со Пикфорд, но биеше крај дирекот.

Англичаните во четвртфиналето ќе се сретнат со подобриот од дуелот меѓу Шведска и Украина, што се игра вечерва во 21 часот.

Се вчитува...