Англиска завера: Премиерлигашите не го пуштаат Сити во ЛШ

Фудбалска војна во време на коронавирусот. Не може да се води на терен, но затоа е слободна „зелената маса“ на која клубовите работат едни против други. Дел од нив упорно ја туркаат иницијтивата за прекин на сезоната и недоделување на титулата на Ливерпул, но многу пожестока е војната што останатите клубови ја водат против Манчестер Сити.

„Граѓаните“ се казнети со двогодишна суспензија од европските натпреварувања, но веќе испратија жалба до Спортскиот суд во Лозана. Проблемот е што не се знае кога ќе биде разгледувана истата, а „граѓаните“ се надеваат дека тоа ќе значи и одложување на санкцијата и нивно учество во ЛШ во сезоната 2020/21. За такво нешто да не се случи гласот го кренале дури осум англиски премиерлигаши, кои побарале што поскоро да биде разрешен проблемот, а Сити да остане надвор од европската фудбалска елита.

Осум од десетте екипи кои моментно се во горниот дел од табелата во Премиер-лигата испратило допис со кој јасно ставаат до знаење дека санкцијата не смее да биде укината, бидејќи мора да постои санкција за непочитување на финансискиот ферплеј, нешто што УЕФА го докажала во случајот против „граѓаните“.

„Што е премногу, премногу е. Предолго Сити ги прекршува правилата, бара дупки во законот, на штета на некој друг клуб што почитувајќи ги правилата не може да стигне до ЛШ. Би било скандалозно ако сега најдат начин да ја заобиколат и оваа казна“, изјави претставник на еден од незадоволните клубови за весникот „Дејли Мејл“.

Се вчитува...