Апсолутно заслужено: Ливерпул по 30 години – шампион на Премиер-лигата

Цели триесет години траеше чекањето без титула во елитното англиско фудбалско друштво, за вечерва конечно да биде ставен крај на долгиот пост, па Ливерпул по три децении да се врати на тронот на Премиер-лигата. Веќе нема никакви дилеми, по вечерашниот пораз на Манчестер Сити во Лондон од Челси, тимот на Јирген Клоп е нов првак на Премиер-лигата, стигнувајќи до титулата на дури седум кола до крајот на сезонава.

Трофејот е апсолутно заслужен ако се земе во предвид неверојатната форма што „црвените“ ја прикажаа во текот на целата сезона. Повеќе од шест месеци беа без ниту еден пораз, пред да капитулираат во Лондон против Ватфорд, а покрај овој меч „пулените“ на Клоп испуштија бодови само уште на гостувањата против Манчестер Јунајтед (1-1) и Евертон (0-0).

Севкупно гледано, скорот на Ливерпул по 31 одиграно коло е неверојатен: 28 победи, две реми и еден пораз, со импресивна гол разлика од 70 постигнати и само 21 примен гол. По ланската европска круна, Клоп на „Енфилд“ го донесе и најпосакуваниот трофеј, што верните навивачи на „црвените“ го чекаа цели 30 години.

Се вчитува...