Обидот за купопродажба на Њукасл Јунајтед од страна на конзорциум од Саудиска Арабија пропадна откако новите газди го загубија трпението по бројните истраги и одолговлекувања, по што решија да го откажат преземањето на овој англискио премиерлигаш. Овој конзорциум се договори со сопственикот Мајк Ешли да го откупи контролниот пакет на акции за вкупно 300 милиони фунти, но договорот предизвика бурни реакции во јавноста, пред се поради поврзаноста на дел од инвеститорите со актуелната власт во Саудиска Арабија.
Како еден од аргументите се тврдеше дека не смее да се дозволи сопственик на клуб да стане висок функционер во земја каде не се почитуваат ТВ-права и каде владее „пиратерија“ за следење на премиерлигашки фудбал. Притисокот од ден на ден се повеќе растеше, па иако во меѓувреме се шпекулираше со звучни имиња како Бејл, Икарди… на крајот конзорциумот од Саудиска Арабија објави дека ја повлекува понудата и нема да го преземе раководењето на Њукасл.
Сегашниот сопственик Мајк Ешли останува на желбата да го продаде клубот, а сега најголеми шанси да стане нов претседател му се даваат на американскиот милијардер Хенри Морис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА