Аргентина во транс – Меси се враќа во репрезентацијата

Лионел Меси е подготвен повторно да го облече дресот на аргентинската репрезентација, а неговиот камбек во националниот тим ќе се случи на 22 март, кога „гаучосите“ ќе се сретнат со Венецуела. Одлуката е донесена по разговорите што селекторот Скалони и челниците на федерацијата ги имале со асот на Барса, по што неговото име било приклучено на списоот на играчи за овој пријателски натпревар.

Меси си зеде „одмор“ од репрезентативните настапи по новото мундијалско фијаско, откако Аргентина беше елиминирана уште во осминафиналето од селекцијата на Франција. Тој ги пропушти сите пријателски средби на аргентинскиот состав во втората половина од 2018 година, но со камбекот во март тој јасно става до знаење дека планира да биде дел од тимот за претстојното издание на „Копа Америка“.

Добра околност за Меси е што ќе нема ниту долго патување, со оглед на фактот дека пријателскиот меч меѓу Аргентина и Венецуела ќе се игра на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.

Лионел Меси досега има одиграно 128 натпревари во репрезентативниот дрес, притоа постигнувајќи 65 погодоци.

Се вчитува...