Алексис Мек Алистер ја изненади јавноста со изјава за својата иднина во Ливерпул. Тој призна дека е „многу, многу тажен“ затоа што клубот не му понудил нов договор. Аргентинскиот играч од средниот ред беше еден од клучните играчи во неодамнешните успеси на клубот, а сега откри дека имал конкретни опции да го напушти Енфилд ова лето.
Фудбалерот од средниот ред на Ливерпул не го криеше своето незадоволство затоа што клубот го информираше дека во моментов не можат да му понудат нови услови. Мак Алистер, 27-годишникот кој пристигна од Брајтон во 2023 година, има уште две години од договорот. На прес-конференцијата пред натпреварот од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид, тој беше директен.
„Како што сите знаете, ја добив веста дека клубот не е во можност да ми понуди нов договор и затоа сум многу, многу тажен. Сите гледаат дека давам сто проценти за овој клуб, секој ден на тренинзите и на натпреварите. Секако, можам да играм многу добро или многу лошо, како и сите, но секогаш давам се од себе“ – рече тој.
Можност да го напушти Енфилд
Поради неговата неизвесна долгорочна иднина во клубот, имаше гласини за негово заминување за време на летниот преоден рок. Мек Алистер сега потврди дека навистина би можел да го напушти Ливерпул. Иако сè уште е посветен на тимот, фактот дека раководството не му понуди нов договор влијае на неговите одлуки.
„Имаше шанса да си заминам ова лето. Ќе видиме што ќе се случи. Имав опции да заминам, но мислам дека сум во вистинскиот клуб и сум фокусиран на тоа да го дадам се од себе“, додаде Мек Алистер.
Нови договори за соиграчите, но не и за него
Неговите соиграчи Доминик Собослај (25) и Рајан Гравенберх (24) неодамна потпишаа нови долгорочни договори. Мек Алистер вели дека е среќен за нив, но не ја крие својата тага што е изоставен.
Аргентинецот верува дека резултатите, вклучително и освојувањето на Премиерлигата, требало да го стават во подобра преговарачка позиција.
„Гледам дека Доминик и Рајан ги продолжуваат своите договори и тоа ме прави многу среќен бидејќи го заслужија, но во исто време сум малку тажен што не го добив мојот. Секако, сè уште има време. Навивачите не треба да се грижат бидејќи ќе дадам 100% до последниот ден што ќе го поминам тука“, рече тој.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
