Аргентинците го сакале Гвардиола за селектор, но им бил прескап

Претседателот на аргентинската фудбалска федерација, Клаудио Тапиа, откри дека единствен тренер кој сакале да го ангажираат за селекторското место во националниот тим бил Пеп Гвардиола. Сепак, тој искрено признава дека шпанскиот стратег бил прескап.

„Проверивме и сфативме дека е невозможно да го ангажираме. Требаше се да ставиме под хипотека. Тој едноставно е прескап“ – вели Тапиа

Челниците на аргентинскиот фудбал сметале дека имаат добра почетна позиција за преговори поради одличните односи на Гвардиола со Лионел Меси. Но, преголемата цена ги одвратила од обидот.

Три недели по отказот на Хорхе Сампаоли, кој си замина по дебаклот на Аргентина на Светското првенство во Русија, федерацијата објави дека Лионел Скалони и Пабло Аимар се назначени за привремени предводници на репрезентацијата. Нивниот мандат е до крајот на оваа година. Потоа Аргентинците ќе бараат долгорочно решение.

 

Се вчитува...