Арсенал го претстави Вилијан

Вилијан и официјално е нов член на Арсенал откако бразилскиот ас денеска потпиша тригодишен договор со „топчиите“. Бразилецот си замина како слободен играч од Челси, откако не успеа да се договори за продолжување на соработката бидејќи „сините“ му нудеа само двогодишен договор, додека тој инсистираше на тригодишна соработка. Затоа, тој си замина од Челси по седум години во клубот, период во кој освои две титули во Премиер-лигата, една во ФА Купот и една во Лигата на Европа.

Како опција се споменуваше и Барселона, но Арсенал успешно ги финишираше преговорите давајќи му на Вилијан загарантирана плата од 200.000 фунти, плус бонуси, што беше доволно за да се убеди Бразилецот да остане во Лондон и само да ги промени тимските бои.

„Тој дефинитивно е играч што може да направи разлика на било кој натпревар. Преговаравме неколку месеци бидејќи е идеален играч за она што нам ни е потребно во екипата, поседува и квалитет и искуство и не се сомневам дека ќе ни биде од голема помош“, изјави менаџерот на Арсенал, Микел Артета.

Вилијан ќе го носи дресот со број 12 во Арсенал.

Се вчитува...