Арсенал го реши Сити, лондонско финале во ФА Купот

Арсенал ќе се обиде да си ја спаси и оваа сезона со трофеј во ФА Купот на Англија, откако „топчиите“ по голема битка го добија денешното полуфинале со Манчестер сити, со 2-1 по продолженијата од два пати по 15 минути. Така, во ситуација кога битката за титулата е однапред загубена, а шансите за пласман во ЛШ сведени на теорија, Арсен Венгер и неговите избраници сепак ќе имаат можност да освојат трофеј сезонава.

По здодевното прво полувреме, вторите 45 минути донесоа далеку поголеми возбудувања. Сити беше тимот што прв дојде во водство преку Агуеро, по еден беспрекорен контранапад и асистенцијата на Јаја Туре откако Рамзи загуби топка пред противничкиот шеснаесетник.

Арсенал сепак успеа да израмни, и тоа сосема неочекувано преку левиот бек Начо Монреал, кој влета од позадина и со прецизен удар го матираше Браво по центаршутот на Окслејд-Чембрлен. „Граѓаните“ имаат за што да жалат бидејќи имаа две извонредни шанси да го решат мечот во регуларниот дел, најпрвин Чех маестрално го одбрани ударот на Јаја Туре, а потоа шутот со глава на Фернандињо заврши во гредата.

Казната стигна во 101. минута, кога Алексис Санчез се најде на вистинското место по една мешаница и од работ на петерецот низ нозете на Компани го совлада Браво.

Така, големото финале на „Вембли“ ќе биде лондонска пресметка меѓу Арсенал и Челси, откако тимот на Антонио Конте во вчерашното полуфинале го совлада Тотенхем со 4-2.

Sergio Aguero Goal HD Arsenal 0 1 Manchester… by HdGoal

Nacho Monreal Goal Arsenal 1-1 Manchester City… by fotlive

Alexis Sanchez Goal HD – Arsenal 2-1 Manchester… by YNWAHD

Се вчитува...