Арсенал испрати скромна прва понуда за Заха

Вилфред Заха ги замоли челниците на Кристал Палас да му овозможат трансфер во Арсенал, но такво нешто дефинитивно нема да се случи под условите што ги имаат замислено челниците на „топчиите“. Палас бараше 100 милиони фунти за својот најдобар фудбалер, а Арсенал се посрамоти испраќајќи ја првата понуда, која не е ниту половина од она што го бара лондонскиот ривал.

„Топчиите“ понудиле 40 милиони фунти за овој фудбалер, со напомена дека сумата не може да биде платена веднаш, туку на пет рати, по осум милиони фунти во следните пет години. Раководството на Кристал Палас не само што експресно ја одбило ваквата понуда, туку и испратило порака – сега сумата што овој клуб ја бара порасна од 100 на 120 милиони фунти.

Јасно е дека тимот на Рој Хоџсон ќе сака што подобро да го наплати заминувањето на својот најдобар играч, но речиси е неверојатно дека негова следна дестинација ќе биде Арсенал. „Топчиите“ немаат ниту приближен буџет за трансфер во однос на она што го бара Палас, а згора на тоа не можат да обезбедат дополнителни средства од продажба на Озил, бидејќи никој не сака да го купи Германецот кој зема плата од 300.000 фунти неделно. Во една таква ситуација, можно е Арсенал да вклучи неколку помлади фудбалери во „пакетот“ при следната понуда, но шансите ова да биде прифатено од Кристал Палас се сведени на теорија.

Разврската од преговорите ја очекува и Манчестер Јунајтед, кој при продажбата на Заха во Палас за 10 милиони фунти вклучи и клаузула од 25% од следниот трансфер на брзоногиот офанзивец.

Се вчитува...