Арсими ќе мора да ги „лечи раните“ против Шкендија Арачиново

Екипата на Арсими  денес ќе го одигра важниот натпревар од нашето фудбалско  првенство  против Шкендија Арачиново, а во пресрет на мечот своите очекувања ги сподели фудбалерот Ебрима Гаје.

Тој признава дека во тимот владее разочарување по двата последователни порази од Брегалница и Башкими, но нагласи дека атмосферата е позитивна и дека сите се максимално мотивирани за враќање на победничките патеки.

„Знаеме дека резултатите од последните натпревари не беа во наша корист, но работиме напорно и веруваме во нашите квалитети. Денес имаме нова можност да покажеме карактер и да се вратиме со позитивен резултат“, изјави Гаје.

Зборувајќи за денешниот дуел со Шкендија Арачиново, тој истакна дека единствената цел на Арсими е освојување на трите бода.

„Нè очекува тежок натпревар, но подготвени сме да го дадеме максимумот. Мора да бидеме концентрирани од првата до последната минута. Нашата единствена цел денес е победа и враќање на победничките патеки“, порача Гаје.

Но, и екипата на Шкендија од Арачиново со многу оптимизам ја очекува пресметката против Арсими во Гостивар. Победата против Башкими и ремито со Тиквеш во последното коло само ја подигнаа позитивната атмосфера во редовите на тимот од Арачиново.

„Патуваме кон Гостивар во еден од нашите најпозитивни моменти сезонава. Групата е комплетирана, мотивирана и целосно свесна за предизвикот што нè очекува. Максимално сме подготвени да ги извршиме нашите задачи на теренот и да дадеме сè од себе за да оствариме позитивен резултат, кој соодветствува на нашите цели“, изјави меѓу другото капитенот на Шкендија Арачиново, Бесир Демири.

Во трите досегашни пресметки меѓу Арсими и Шкендија од Арачиново, сè е израмнето. Секоја екипа има по една победа, а еден натпревар завршил нерешено. Сепак, Арсими забележа победа во единствениот дуел во домашната фудбалска елита, кога на стадионот во Чаир ја совлада Шкендија од Арачиново со 2-0.

Пресметката меѓу Арсими и Шкендија од Арачиново ќе се игра на стадионот во Гостивар со почеток во 13 часот, а главен судија на натпреварот ќе биде Пларент Салихи.

Се вчитува...