Македонскиот репрезентативец Енис Барди е желба на англискиот премиерлигаш Арсенал. Менаџерот Микел Артета понудил 25 милиони евра за да го доведе фудбалерот за врска на Леванте на „Емирати“. Тоа е двојно помала сума од отштетната клаузула што ја има Барди во новиот договор со клубот што го врзува да остане до 2022 година.
Раководството на Арсенал отпочна разговори со Леванте за да го купи Енис Барди по завршувањето на сезоната. Конечниот збор сепак ќе го има шпанскиот клуб, со оглед дека Македонецот има актуелен договор за уште две сезони, со опција и за дополнителни две години.
Енис Барди од 2017 година е во Леванте, дојде од унгарскиот Ујпешт за 1,5 милиони евра и бележи метеорски напредок во Ла Лига. За три сезони тој успеа да се запише и во клупската историја на Леванте. Иако е играч од средниот ред, стана петти најдобар стрелец на клубот во Примера дивизион со 16 постигнати гола. До крајот на сезоната може да избие и на третото место, со оглед дека сериозно им се доближи на Мустафа Рига (17) и на Давид Барал (18) кои се пред него на листата. Интересен е и фактот дека Леванте никогаш нема загубено натпревар на кој Енис Барди има постигнато погодок.
Покрај Арсенал, за Енис Барди постои интерес и од италијанскиот калчолигаш Фиорентина, како и од бундеслигашите Ајнтрахт Франкфурт и Штутгарт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА