Новата сезона во „Шпаркасе Лајф“ Прва лига – жени носи нови предизвици, нови состави и нова борба за врвот. Пред стартот на првенството, ги прашавме тренерите за очекувањата, амбициите и главните адути со кои нивните екипи влегуваат во сезоната.
Три прашања. Три одговори. Една сезона полна со очекувања…
1. Што очекувате од новата сезона во Шпаркасе Лајф Прва лига – жени и каде ги гледате најголемите предизвици за вашата екипа?
2. Кои се амбициите на вашиот тим оваа сезона и што би бил успех за вас на крајот од првенството?
3. Колку сте задоволни од составот со кој влегувате во новата сезона и на што ќе го темелите вашиот стил на игра?
Еве ги нивните очекувања:
АЛЕКСАНДАР АШАДАНОВ (ШЕФ НА СТРУЧЕН ШТАБ НА ВАРДАР)
1. „Од новата сезона очекувам пред сè квалитетна и конкурентна лига, со многу неизвесни натпревари. За нас најголемиот предизвик ќе биде да создадеме стабилност во играта и континуитет во текот на целата сезона. Имаме тим со потенцијал, но имаме и огромен простор за напредок“.
2. „Нашата амбиција е да бидеме конкурентни на секој натпревар и да се бориме за највисоките позиции. Сакаме да изградиме тим кој ќе биде препознатлив по својот карактер и ќе напредува од натпревар во натпревар. Успех за нас би бил на крајот од сезоната да знаеме дека го достигнавме нашиот реален потенцијал и дека сме во позиција да се бориме за трофеи“.
3. „Задоволен сум од составот со кој располагаме. Имаме комбинација на поискусни и помлади кошаркарки, што ни дава добра основа за развој и конкурентност. Нашиот стил ќе го темелиме на агресивна одбрана, тимска игра, брза транзиција и дисциплинирана игра во нападот. Сакам да бидеме екипа која игра со енергија, карактер во секој натпревар“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
