Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, преку социјалните мрежи повторно влезе во војна на зборови со Реал Мадрид и овој пат користи многу потешки зборови.
Имено, Тебас методите на клупската телевизија на Реал Мадрид ги спореди со методите на министерот за пропаганда на нацистичка Германија во Втората светска војна, Јозеф Гебелс.
Поради коментарите на Тебас, од Реал Мадрид веднаш побараа негова оставка.
„Таквата метода потсетува на пропагандните механизми со кои се користеше Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда на нацистичка Германија: постојано повторување, создавање непријатели и креирање факти со однапред зададен наратив. Ова е споредба единствено на техниките на пропаганда, а не на било каква идеологија, посебно не на навивачите на Реал Мадрид“, е делот од објавата на Тебас која предизвика контроверзи во Шпанија.
Од Реал Мадрид на ваквите зборови на претседателот на Ла Лига, веднаш одговорија со соопштение во која бараат оставка.
„За Реал Мадрид е апсолутно непрофатливо и сериозно што личност која се наоѓа на чело на двете најодговорни функции во шпанскиот фудбал, прави споредби со методите на нацистичкиот режим за да го дискредитира нашиот клуб, управа и телевизија. Појаснувањето дека тој притоа не мисли на нацистичката идеологија не го ублажува навредливиот, морално одбивниот и институционално недостојниот карактер на ваквите испади. Овие изјави претставуваат нова епизода во зачестените напади на Хавиер Тебас кон Реал Мадрид, нашиот претседател и нашите медиуми. Нашиот клуб е приморан да се обрати со УЕФА и бара негова моментна оставка на местото претседател на Ла Лига и потпретседател на кралската шпанска фудбалска федерација“, стои во дел од соопштението на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
