Голем пех за женската ракометна репрезентација пред ЕП, тешка повреда на Ангела Јанкуловска

Женската ракометна репрезентација на Македонија на претстојното Европско првенство ќе мора да настапи без Ангела Јанкуловска која заработи тешка повреда која ќе ја оддалечи од терените повеќе од шест месеци.

Јанкуловска се повреди во реванш натпреварот во Европскиот куп против Салерно. Нејзиниот тим Дунајска Стреда, денеска соопшти дека македонската ракометарка успешно била оперирана.

Според соопштението на словачкиот тим, била направена реконструкција на лигаментот задолжен за стабилноста на коленото. Пред Јанкуловска е период на рехабилитација кој, според првичните проценки, би можел да трае меѓу седум и девет месеци.

„Ангела Јанкуловска, се здоби со повреда на коленото за време на реванш натпреварот на домашен терен против Салерно во Европскиот куп на ЕХФ, и успешно беше оперирана на одделот за ортопедија во болницата во Дунајска Стреда. За време на зафатот, извршена е реконструкција на лигаментот што го стабилизира зглобот на коленото. Ангела ќе го помине викендот во болница, а во понеделник започнува нејзината рехабилитација и долгиот процес на закрепнување. За жал, по вакви повреди, враќањето на теренот обично трае од седум до девет месеци, па така Ангела повторно ќе ја видиме во дресот на нашиот тим дури следната сезона“, стои во соопштението на словачкиот тим.

Европското првенство ќе се одржи од трети до 20 декември во пет земји (Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција), а Македонија се наоѓа во групата Б заедно со селекциите на Норвешка, Романија и Швајцарија.

Се вчитува...