Аталанта експресно го реши тренерското прашање по вчерашната разделба од Иван Јуриќ откако денеска за нов предводник на калчолигашот од Бергамо беше промовиран Рафаеле Паладино.
Овој 41-годишен стратег беше избран како наследник на Хрватот кој разочара со резултатите од стартот на сезонава, покажувајќи се како недораснат наследник на Гасперини по преселбата на долгогодишниот тренер во Рома. Паладино минатата сезона ја водеше Фиорентина и го освои шестото место, „виолетовите“ сепак решија да го сменат и да го доведат на негово место Пиоли, што исто така се покажа како катастрофален избор.
Под водство на овој стратег калчолигашот од Фиренца стигна до полуфиналето во Конференциската лига на УЕФА, а Паладино пред Фиорентина го водеше и тимот на Монца.
Паладино ќе има исклучително тешко деби на клупата на новиот клуб ако се знае дека Аталанта во првиот меч по репрезентативната пауза ќе му гостува на шампионот Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

