Атанасов: Сите пофалби за моите играчи, во Скопје ќе биде полна сала против Цибона

Васко Атанасов ја презеде одговорната улога на прв тренер во отсуство на Драган Николиќ, по што младиот македонски стратег максимално ја искористи дадената шанса, предводејќи до МЗТ Скопје до огромна победа во Сплит и значително зголемување на шансите за опстанок.

Атанасов беше скромен на прес-конференцијата по мечот во „Грипе“, заслугите за одличниот резултат насочувајќи ги кон кошаркарите како најзаслужни за конечниот исход на натпреварот.

„Благодарност до КК Сплит за гостопримството и за овој натпревар што беше одигран во максимално спортска атмосфера. Најважно од се – честитки за мојата екипа и мојот стручен штаб. Знаевме колку е важна оваа средба за да се одржиме во живот, одигравме многу добар меч, прва победа за нас на гостински терен и дефинитивно најважна победа оваа сезона. Одигравме квалитетно, го контролиравме натпреварот околу 33 минути, така што сите пофалби одат кон моите играчи“, изјави Васко Атанасов.

Сега за опстанок и место во баражот со второпласираниот во АБА2 на МЗТ Скопје му треба победа на домашен терен во последното коло против Цибона, но и порази на Борац Чачак на преостанатите две средби на овој клуб, дома со Црвена Звезда и на гостувањето против Будуќност.

„Верувам дека ќе биде полна сала во последното коло против Цибона, цела сезона ќе зависи од тој натпревар и не се сомневам дека ќе имаме огромна поддршка од трибините. Сепак, се доведовме во ситуација и да зависиме од други екипи, се надеваме на најдобар можен исход до следната седмица“, оптимист е помошниот тренер на МЗТ Скопје.

Се вчитува...