Аврамовски: Вардар покажа дека сите треба да му се „плашат“

Вардар ќе презими на лидерската позиција на табелата во Првата лига, но многу важно е и дали ќе има двоцифрена бодовна предност во однос на главниот конкурент за титулата, актуелниот првак Шкендија. Дербито на последното есенско коло треба да биде шлаг на убавата есен за вардарци, со надеж дека ќе успеат да ја совладаа Шкендија на арената „Тодор Проески“.

Даниел Аврамовски оваа сезона е еден од најголемите адути на тренерот Александар Васоски, но тој потенцира дека тимскиот дух е она што го носи Вардар кон победите. Верува во успех и на утрешното дерби.

„Победа за крај. Би бил навистина одличен крај на прекрасната есен за Вардар. На почетокот на сезоната многумина не веруваа во овој тим на Вардар, но ние уште на подготовките имавме верба дека можеме, дека има завиден квалитет, неверојатна атмосфера и еден супер-спој на младост и на искуство. Со таков набој влеговме и во првенството и од натпревар во натпревар бевме се подобри. Заслужено сме на врвот и со досегашните игри покажавме дека на Вардар треба сите да му се „плашат“. Го вративме сјајот на тимот, имаме одлична поддршка и од Комитите и верувам дека ќе славиме и на утрешното дерби со Шкендија. Секако, имаме респект за гостите, тоа е одличен тим, но тоа само уште повеќе не мотивира. Тимскиот дух и заедништвото е големата сила на Вардар и со таков пристап ќе пристапиме и на утрешниот меч“, вели „десетката“ на Вардар во пресрет на дербито со Шкендија.

Натпреварот ќе го суди Александар Ставрев, ќе му помагаат Марјан Кировски, на кој ова ќе му биде и последен меч во кариерата, и Дејан Костадинов. Четврти судија е Гоце Петрески, а судии зад головите се Димитар Мечкаровски и Дејан Јакимовски.

Се вчитува...