Еурофарм Пелистер веќе утре го очекува натпревар на гостински терен против Татабања во рамки на ракомерната Лига Европа.
Тренерот на тимот од Битола, Жељко Бабиќ истакна дека неговите играчи мора да останат фокусирани и на овој натпревар, бидејќи ништо не е готово.
„Како што кажавме и претходно моите ракометари покажаа карактер, одлична тимска игра, силна дефанзива и ментална цврстина. Одигравме перфектен натпревар против Кадетен Шафхаузен и ги покажавме нашите и индивидуални и тимски вредности. Ништо не е готово, уште сè е отворено. Имаме уште две кола, а математички уште не го обезбедивме ни осминафиналето. Така да мораме да останеме фокусирани, ментално цврсти, да размислуваме секој за своите задачи и да го потврдиме тоа што нè краси – тимската игра“, изјави Бабиќ.
Жељко потенцираше дека во овој натпревар не треба да се влезе со потценување на противникот, туку напротив, тој очекува тежок и неизвесен двобој, па за победа ќе мора да е понуди голема борбеност на теренот.
„Имав искуства и претходно и за жал губевме натпревари кога споредувавме што било претходно. Ова е нов натпревар. Во Битола бевме во налет, во позитивна серија и одигравме многу добро. Сега имаме доста проблеми и никој не смее да размислува во тој правец дека тоа ќе биде ист натпревар. Татабања е одличен и подвижен тим. Имаат технички добри ракометари кои играат „еден на еден“, а имаат и одличен тренер. Точно е дека немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми во клубот и затоа се малку подолу на табелата. Сепак, заслужуваат респект и ни следи баш европски натпревар“, заклучи Бабиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА