Бабиќ: Моите ракометари покажаа карактер, Секељи и одбраната завршија работа

Еурофарм Пелистер денеска убедливо го совлада составот на АЕК Атина, и како второпласирана се пласираше во следната фаза во Лигата на Европа. Следната фаза, во осминафиналето битолчани ќе ги одмерат силите со Нексе.

Тренерот Жељко Бабиќ ги сподели импресиите од победата со грчкиот тим.

„Беше задоволство да се игра против АЕК оваа сезона и беше задоволство да се гостува и во Атина, и да се игра тука во Битола. Што се однесува до мечот, благодарен сум до небо на сите во Еурофарм Пелистер, моите ракометари уште еднаш покажаа карактер. Секељи можеби беше клучен, но сакам да ја потенцирам одбраната која заврши добра работа. Карактерот и одбраната го добија натпреварот со АЕК. Секако, благодарност и до нашите навивачи за големата поддршка“, изјави Бабиќ.

Пелистер дојде до петтата победа во десеттиот меч и со 12 бодови се пласираа во следната фаза.

И голманот Мартон Секељи ги сподели импресиите од натпреварот со АЕК.

„На почетокот сакам да им се заблагодарам на гостите од Атина за убавите зборови на моја сметка. Првото полувреме беше релативно тешко и нервозно, меѓутоа ние знаевме дека чека ваков натпревар. Подготвени бевме за нивната 5-1 одбрана и во вториот дел го покажавме вистинското светло. Честитки за „Чкембарите“ и за атмосферата која ја направија, беше фантазија и уживање да се игра во ваква убава атмосфера“, рече Секељи.

Се вчитува...