Кошаркарите на Тиквеш стигнаа до втората победа во новата сезона на Суперлигата, откако во рамките на петтото коло, на домашен терен во салата „Јасмин“, го совладаа составот на ТФТ со 77-74.
Домаќините имаа подобар почеток на натпреварот и по изедначената прва четвртина, во која се играше речиси кош за кош, поведоа со 23-18. Во продолжението кавадарчани ја зголемија предноста, пред сè благодарение на расположениот тандем Глигоријевиќ – Волф, па на одмор заминаа со солидни девет поени предност (43-34).
Сепак, по паузата следуваше целосен пресврт. Гостите од Скопје заиграа многу поцврсто во одбраната и во првите седум минути од третата четвртина му дозволија на противникот да постигне само пет поени. На спротивната страна ТФТ реализираше дури 22 поени, направи целосен резултатски пресврт и поведе со 56-48. По тројката на репрезентативецот Стојаноски, предноста на „црно-белите“ достигна и 11 поени (62-51), а во последниот период влегоа со водство од 61-53.
Но, Тиквеш не се предаде. Кавадарчани одиграа одлична последна четвртина, постепено ја топеа негативата, а на неполни три минути пред крајот повторно го презедоа водството (73-71).
Следуваше неизвесна завршница. Вајт и Сила му донесоа ново водство на ТФТ (74-73), но во последната минута Волф погоди за нов пресврт и предност на домашните од 75-74. Гостите имаа напад за ново преземање на водството, но не го реализираа, по што Волф беше сигурен од линијата за слободни фрлања и ги постави конечните 77-74. ТФТ имаше уште една можност за продолжение, но последниот обид за три поени не беше успешен, па бодовите останаа во Кавадарци.
Волф беше прво име во победничкиот состав со 24 поени, четири скока и четири асистенции. Глигоријевиќ имаше одличен учинок од 19 поени, осум скока и три асистенции, додека Смит постигна 13, а Сукс 12 поени, дополнети со осум скока и четири асистенции.
Кај ТФТ, Зафиров беше најефикасен со 18 поени и четири асистенции. Вајт постигна 14 поени, со пет скока и пет асистенции, додека Стојаноски натпреварот го заврши со 12 поени, четири скока и две асистенции.
По пет одиграни кола, двете екипи имаат идентичен биланс од две победи и три порази.
МТЕЛ СУПЕРЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 5. КОЛО
ГКК Штип – Струмица 2001 87-81
Скопје – Работнички 79-89
Тиквеш Голден Игл – ТФТ 77-74
1. НОЕМВРИ (НЕДЕЛА)
14.00: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер
Спортски центар „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/DVIpEBoohiY?si=nzr1wJ4NBlMTOuy7
18.00: МКК Куманово – Кожув
Спортска сала во Куманово
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Gjz18PpRXSc?si=4oLyZnOpA6dFjR23
ТАБЕЛА: Работнички 5/0, Кожув 3/1, МЗТ Скопје 3/1, Тиквеш 2/3, ТФТ 2/3, Струмица 2001 2/3, МКК Куманово 2/2, Пелистер 2/2, Скопје 1/4, ГКК Штип 1/4.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
