Кошаркарите на Работнички продолжуваат со одличните настапи на стартот од новата сезона во Суперлигата. Екипата од „Градски парк“ ја забележа и петтата победа, откако на гостински терен, во салата на СЦ „Јане Сандански“, го совлада составот на Скопје со 89-79, и тоа во моменти додека околу салата се случуваа тешки инциденти меѓу навивачките групи „Сити Парк Бојс“ и онаа на МЗТ Скопје, „Фемили Аеродром“.
Првата четвртина донесе изедначена игра и дури шест резултатски израмнувања, а по првите десет минути домашниот состав имаше минимална предност од 20-17.
Работнички ја презеде иницијативата на почетокот на втората четвртина, кога поведе со 24-23, а по тројката на Николов стигна и до највисоките пет поени предност во тој период (33-28). Скопје, сепак, брзо одговори, се врати во игра и по 19 минути повторно имаше израмнување (40-40). Во завршницата на првото полувреме гостите реализираа уште пет поени и на одморот заминаа со предност од 45-40.

Она што го најавија во финишот на вториот период, кошаркарите на Работнички го потврдија по паузата. Гостите одиграа доминантна трета четвртина, во која за само седум минути ја зголемија предноста на убедливи 15 поени (67-52). До крајот на овој период ја задржаа контролата, па во последните десет минути влегоа со водство од 75-60.
Таквата предност се покажа како недостижна за Скопје, кој не успеа да направи пресврт во завршницата. Работнички рутински ја сочува предноста и стигна до петтиот последователен триумф, со кој останува со максимален ефект на стартот од шампионатот.
Најзаслужен за новата победа на „црвено-белите“ беше Роберт Рикиќ, кој одигра одличен натпревар и го заврши со 29 поени и осум скока. Дарин Говенс постигна 12 поени, со осум асистенции и пет скока, додека Ефремовски реализираше 10 поени. Робев и Николов придонесоа со по девет поени.
Во редовите на Скопје, Колин Паркер повторно беше најефикасен со 23 поени и осум скока. Џонс постигна 18 поени, додека Миловановиќ го заврши натпреварот со 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
