Кошаркарите на ГКК Штип ја забележаа првата победа во новата натпреварувачка сезона во Суперлигата. Во натпреварот од петтото коло, избраниците на тренерот Марјан Србиновски беа подобри од Струмица 2001, славејќи со конечни 87-81 во спортскиот центар „Џексон“.
Домашниот состав имаше резултатска контрола во најголемиот дел од првото полувреме. По водството од 15-11 во првата четвртина, Штипјани продолжија да ја зголемуваат предноста, која во 16. минута, по реализацијата на Караколев, изнесуваше осум поени (31-23). Нешто подоцна беше и 36:28, но гостите преку Џејкобс и Крафорд успеаја да ја намалат негативата до паузата на 37-40.
Струмичани се доближија и на само еден поен (39-40) на почетокот на третата четвртина, но ГКК Штип повторно одговори и се одвои на 56-49. По тројката на искусниот Костоски, домашните стигнаа и до највисоките девет поени предност (63-54). Сепак, Струмица 2001 не се предаваше, па пред последните десет минути повторно ја намали разликата, овојпат на 61-65.
Клучниот чекор кон победата домашните го направија на стартот на последната четвртина. По две минути игра, ГКК Штип повторно имаше двоцифрена предност (71-61), која се покажа како недостижна за гостинскиот состав. Штипјани ја задржаа предноста до крајот и заслужено се радуваа на првиот триумф во својата суперлигашка сезона.
Во победничкиот состав дури пет кошаркари имаа двоцифрен број поени. Најефикасен беше Димчевски со 20 поени, на кои придодаде шест скока и три асистенции. Караколев и Хамилтон реализираа по 19 поени, при што Хамилтон забележа и девет асистенции, додека Костоски постигна 12 поени. Пал го заврши натпреварот со 17 поени, пет скока и две асистенции.
Кај Струмица 2001, Џејкобс беше најдобар стрелец со 19 поени, седум асистенции и четири скока. Д. Пандев оствари дабл-дабл учинок од 18 поени и 10 скока, Херис запиша 15 поени, Коцев 11, а Крафорд 10 поени и осум скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
