Бабиќ: Овој тим на Еурофарм е посилен од лани, но исто така и Вардар…

Жељко Бабиќ е подготвен за предизвикот што го носи новата натпреварувачка сезона пред составот на Еурофарм Пелистер. Хрватскиот стратег не успеа да стигне до ниту еден трофеј минатата сезона, но управата на битолскиот тим му укажува максимална доверба, давајќи му нов договор, но и носејќи ги засилувањата што тој сакаше да ги види во тимот.

Бабиќ верува дека овој тим на Еурофарм Пелистер е поквалитетен од ланскиот, а клучно е што останаа најважните ракометари од минатата сезона.

„Според мене, добро е што поголемиот дел од ростерот остана ист, што немаше премногу промени. Бевме задовлни од голманите, одлично покриени на оваа позиција минатата сезона, но таков е спортот, околностите се сменија и моравме да менуваме. Сепак, јас верувам дека и оваа голманска тројка е многу квалитетна. Уште е рано да зборуваме за начинот на игра, ова е само прв ден од подготовките, но очекувам наскоро да ја имаме првичната слика. Мојот прв впечаток е дека имаме многу добар тим, уште подобар од лани и верувам дека оваа сезона ќе биде многу добра за Еурофарм Пелистер. Јас како тренер секогаш сакам да победувам, некогаш успеваме, некогаш не, но верувам дека сега ќе бидеме уште подобри. Дали тоа ќе биде доволно за трофеј, ќе видиме, бидејќи и Вардар е многу посилен од лани“, изјави Бабиќ.

Се вчитува...