Бабиќ: Периќ не е 100 отсто подготвен, но Еурофарм Пелистер оди на победа против Нексе

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ќе го пречекаат Нексе во реванш натпреварот од осминафиналниот двомеч во Лигата на Европа. Битолчани ќе имаат за задача да ја анулираат предноста на противникот од првиот меч во Нашице од три гола (29-26).

Тренерот на „зелено-белите“, Жељко Бабиќ вели дека иако капитенот Периќ не е 100 отсто подготвен тие одат да ја анулираат негативата против Нексе.

„Се подготвуваме нормално, иако имавме натпревар во саботата. Одигравме агресивно и добро, па победивме. Имавме видео анализа на Нексе, денеска ќе имаме тренинг со понизок интензитет, како и утре пред дуелот. Сметам дека екипата на Нексе по еден параметар е меѓу подобрите во Европа, ама не сакам да откријам за што се работи. Ние сме подготвени за реваншот. Периќ не е 100% подготвен, се враќа по повредата. Секако дека тој е важен играч, капитен е на тимот ама екипата покажа дека може да победува и без него. Сакам тој секогаш да е тука, но во Еурофарм Пелистер тимот е посилен од поединците“, изјави Бабиќ.

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за утре со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...