Бабиќ: Сакаме нов европски успех, Еурофарм Пелистер покажа дека има победнички карактер

Ракометниот клуб на Еурофарм Пелистер се наоѓа пред нов предизвик во рамки на Европската лига на ЕХФ. По големиот отпор против француски Ним, европските возбудувања на голема врата се враќаат во Битола каде гостува швајцарски Кадетен Шафхаузен.

Тренерот Жељко Бабиќ пред натпреварот против швајцарскиот тим во салата „Боро Чурлевски“ во Битола истакна дека без разлика што пелистерци во моментов се наоѓаат во комотна позиција на табелата, сепак, ќе атакуваат на нова европска победа.

„Се подготвуваме како и вообичаено, го анализиравме противникот и видовме кои се нивните специјалности. Низ видео анализи и тренинзи ќе се обидеме да го најдеме најдоброто за нашето издание и да ја изведеме најдобрата тактичка подготовка за Кадетен. За разлика од минатата година сега малку сме во полесна резултатска позиција кога говориме за табелата, но сметам дека во спортот нема полесни позиции, туку имате една цел која не смее да варира, а тоа е победата. Без разлика дали сте први или петти, спортот ги признава само победниците, па така јас како тренер и моите играчи размислуваме на таков начин и така се подготвуваме. И покрај сите проблеми кои ги имавме во Франција, ракометарите покажаа еден неверојатен ментален интензитет. Секако, го загубивме мечот, не сум во целост задоволен и среќен поради тоа, но еден дел од мене е задоволен, бидејќи овој тим покажа вистински карактер и тоа е нешто што сигурно го краси Еурофарм Пелистер оваа година“, изјави Жељко Бабиќ.

Битолчани во моментов се наоѓаат на второто место на табелата во групата Д со осум освоени бода, исто колку што има и третопласираниот Шафхаузен. Натпреварот меѓу македонскиот и швајцарскиот тим се игра во вторник од 18.45 часот.

Се вчитува...