Бабиќ се пожали: Битолчани велат дека го сакаат ракометот, но ова не е нормално…

Еурофарм Пелистер со победа го стартуваше овосезонскиот настап во СЕХА-лигата, но Жељко Бабиќ ја искористи прес-конференцијата по мечот со Металопластика за да се пожали за условите за тренинг и игра што стратегот на битолчани ги опиша како ненормални.

Студената сала со години е сериозен проблем за битолскиот клуб, а исклучок не е ниту оваа сезона, без оглед на сериозните инвестиции на амбициозната управа на Еурофарм Пелистер во играчкиот кадар.

„Сакам да испратам порака до битолчани. Овде нема услови за игра. Оваа температура во која игравме и тренираме не е нормална. И тоа не е спорт за 21 век. Битолчани велат дека многу го сакаат ракометот, но тоа не ми го покажуваат мене, како тренер и на играчите кои се смрзнуваат и кои не можат да ја држат топката“, рече Бабиќ.

Ставот на Бабиќ го поддржа и тренерот на Металопластика, Веселин Вуковиќ, истакнувајќи дека вечерва во салата „Боро Чурлевски“ условите за играње ракомет биле далеку од нормални.

„Апсолутно се согласувам со мојот колега. И вчера на тренинг и денес на натпревар навистина им беше многу тешко на ракометарите. Затоа ги молам луѓето од Македонија да направат една сала во која ќе има нормални услови за игра. Играчите ќе се повредуваат, затоа што нема услови. Клубот вложува пари и заслужува подобри услови“, рече Вуковиќ.

Се вчитува...