Баерн го понижи Челси, Елмас го гледаше од клупа ремито во Неапол

Баерн Минхен со едната нога веќе е во четврт-финалето од Лигата на шампионите, откако германскиот првак го доби првиот осминафинален дуел со Челси, на гостински терен со 0-3.

Баварците наметнаа целосна контрола од самиот почеток, во првиот дел не искористија неколку убави шанси, но затоа во второто полувреме ја наполнија мрежата на „сините“. Гнабри беше играчот што го реши победникот, постигнувајќи два брзи погодоци во 51. и во 54. минута. Лампард беше принуден да менува и да тргне поофанзивно, а Баерн го искористи тоа постигнувајќи и трет погодок, овојпат преку Роберт Левандовски. За мизеријата на Челси да биде комплетирана, домаќините останаа и со фудбалер помалку по црвениот картон што го заработи левиот бек Алонсо, за удирање без топка на Левандовски.

Многу понеизвесно беше во Неапол, каде Наполи и Барселона ремизираа 1-1 во натпревар во кој Елиф Елмас не влезе во игра за домашниот состав. Каталонците имаа повеќе од поседот над топката, но Наполи прв поведе, со евроголот што го постигна Дрис Мертенс во 30. минута. Гризман го израмни резултатот на асистенција на Семедо во второто полувреме, а „наполитанците“ имаат за што да жалат со оглед на промашениот зицер на Калјехон непосредно по примениот гол.

Кике Сетиен ќе има огромни проблеми со составот бидејќи во самиот финиш црвен картон заработи Артуро Видал, а покрај Чилеанецот поради жолти картони во тимот на „Камп Ноу“ ќе го нема ниту Серхио Бускетс, додека неизвесен ќе биде и настапот на Пике, кој се повреди во 91. минута и мораше да биде заменет.

Се вчитува...