Баерн ја понижи Црвена Звезда, ПСЖ се врати од „мртвите“ во Мадрид

Баерн Минхен со уште една убедлива победа на гостински терен се зацементира на првото место во групата, откако баварскиот гигант вечерва ја декласираше Црвена Звезда со 0-6. Домашните навивачи сонуваа чудо на стадионот „Рајко Митиќ“, но наместо тоа им се случи фијаско, во режија на Роберт Левандовски. Полскиот ас не реализираше зицер на самиот почеток од мечот, но откако Горецка го отвори резултатот, Левандовски потоа постигна уште четири погодоци, уште еднаш потврдувајќи ја својата класа. Конечните 0-6 ги постави Толисо во 89. минута.

Аријан Адеми и Динамо Загреб загубија со 2-0 на гостувањето против Аталанта, па нивните шанси за пласман во осминафиналето сега се сведени на теорија. Македонскиот репрезентативец и покрај незгодната повреда се појави во тимот на Динамо, но не можеше да го спречи поразот на „Сан Сиро“.

Реал Мадрид во дерби-дуелот на денешната програма ремизираше против екипата на ПСЖ (2-2). Бензема беше стрелец на водечкиот погодок, а „светците“ имаат за што да жалат откако со ВАР одлука им беше поништен пенал пред крајот на првото полувреме, воедно и избришан црвениот картон што судијата му го покажа на голманот Куртоа. Зидан се соочи со проблем во вториот дел откако Еден Азар заработи повреда, но Бензема со својот втор гол (на асистенција на Марсело) го совлада својот поранешен соиграч Кејлор Навас и се чинеше дека прашањето на победникот е решени. Сепак, ПСЖ повторно покажа карактер, Мбапе намали на 1-2 погодувајќи од непосредна близина по недоразбирањето меѓу Куртоа и Варан., пред Сарабија да ги постави конечните 2-2.

Јувентус ја осигура првата позиција во групата откако вечерва славеше над Атлетико Мадрид со 1-0. Пауло Дибала беше стрелец на единствениот погодок, откако Аргентинецот со фантастичен удар речиси од „мртов агол“ го матираше Јан Облак. Алваро Мората имаше стопроцентна шанса во судиското продолжение, но од неколку метри не успеа да ја затресе мрежата на својот поранешен клуб.

Тотенхем предводен од Жозе Мурињо дефинитивно поседува победнички карактер, откако „спарси“ се вратија од негатива од 0-2 и го совладаа Олимпијакос со 4-2. Пресуден беше голот на Деле Али пред самиот крај на полувремето, по што домаќините во вториот дел влегоа максимално мотивирани, па преку Кејн (два гола) и Орие направија целосен пресврт.

Манчестер Сити одигра 1-1 на домашен терен против Шахтјор, огромен бод за украинскиот првак кој сега е осамен на второто место на табелата во пресрет на последното коло, во кое ќе ја пречека Аталанта.

Се вчитува...