Баерн Минхен со победа од 2-6 против Ди-Си Јунајтед ги започна подготовките за новата сезона. На натпреварот во главниот град на САД голеадата започна во 5. минута кога мрежата ја затресе Мане за првенец во новиот клуб, а до полувремето на листата на стрелци нему му се приклучија и Сабитсер и Гнабри.
Новото засилување за баварците, Матијас де Лихт својот прв гол за германскиот состав го постигна во 47. минута, три минути подоцна стрелаше и Зиркзи, а откако домаќините успеаја да постигнат два гола преку Лехланд и Ку-Дипиетро, Милер во гол во 92. го постави конечниот резултат.
Сто отстотната реализација на подготовките ја задржа Арсенал кој го доби Орландо Сити со 1-3. Мартинели во 5. минута го отвори мечот, но веќе до полувремето американскиот тим изедначи на 1-1 преку Торес. Второто полувреме им припадна на „топџиите“ кои со головите на Нкетија и Нелсон стигнаа до нов триумф.
На победа се радуваше и Манчестер Сити кој на крилјата на Кевин де Брујн славеше со 2-1 против Клуб Америка. Белгиецот стрелаше во 30. и 45. минута, додека единствениот гол за Американците го постигна Мартин.
Челси беше на прагот на нова победа во САД, но Шарлот го скроти тимот на „Стемфорд Бриџ“ по трилер завршница и пенал рулет. „Сините“ преку Пулишиќ во 30. минута стигнаа до водство, а предноста ја задржаа до втората минута од судиското продолжение на второто полувреме. Шарлот изедначи преку белата точка, а потоа беше подобар и во пенал-рулетот кој го одлучи победникот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА