Баерн се откажа, Вернер е најблиску до Ливерпул

Баерн Минхен повеќе не е заинтересиран за услугите на Тимо Вернер откако челниците на баварскиот гигант не успеале да се договорат со Лајпциг ниту по три рунди преговори за германскиот репрезентативец. Одличниот офанзивен фудбалер подолго време се наоѓа на листата со желби на Баерн, но весникот „Билд“ попладнево објави дека преговорите се прекинати без најава дека би можеле да бидат продолжени во периодот што следи.

Вернер има уште нешто повеќе од една година од актуелниот договор со Лајпциг и одбива да потпише нов договор со овој клуб. Сепак, челниците на Лајпциг не сакаат да го продадат својот најдобар стрелец на директен ривал за највисок пласман, па затоа покрај со Баерн стопирани им се и преговорите со Борусија Дортмунд.

Од целата ситуација како победник може да искочи Ливерпул, со оглед на фактот дека Вернер уште пред јануари се наоѓаше на врвот од листата со желби на Јирген Клоп. „Црвените“ се подготвени да платат 40 милиони фунти за да го доведат Вернер на „Енфилд“ и да ја засилат конкуренцијата во нападот каде и сезонава незаменливи се Фирмино, Мане и Салах. Даниел Стариџ дефинитивно си заминува од Ливерпул откако не му беше понуден нов договор, а се очекува клупските бои летово да ги смени и Ориги.

Се вчитува...