Баерн со седум шлаканици за Тотенхем, Црвена Звезда со супер-пресврт до победа

Тотенхем претрпе вистински дебакл на првиот домашен меч во ЛШ сезонава, откако актуелниот европски вицепрвак загуби од Баерн со 2-7. „Спарси“ играат слабо сезонава, но никој не можеше да претпостави дека може да им се случи ваков кошмар, да примат седум гола на еден натпревар, и тоа пред нивните верни фанови.

Тотенхем дури и прв поведе преку Сон, Кимих израмни со гол од далечина, а пред самиот крај на полувремето гостите поведоа со голот на Левандовски. Во вториот дел на сцена стапи поранешниот фудбалер на Арсенал, Серж Гнабри, кој постигна дури четири погодоци, уште еднаш меѓу стрелците се запиша и Левандовски.

Супер-драматично беше во Белград, каде Црвена Звезда со пресврт во второто полувреме го совлада Олимпијакос со 3-1. Гостите поведоа со голот на Семедо, а клучен момент беше црвениот картон што во 58. минута го заработи Бензиа. Пет минути подоцна „црвено-белите“ израмнија преку Вулиќ, за  2-1  погоди Милуновиќ со гол во 87. минута, а конечните 3-1 во судиското продолжение ги постави Боачи.

Јувентус славеше со 3-0 на домашен терен против Баер Леверкузен. Гонзало Игуаин беше човек на одлука, постигнувајќи го првиот гол и асистирајќи до Бернардески при вториот погодок за „старата дама“. Конечните 3-0 ги постави Роналдо во самиот финиш.

Аријан Адеми и Динамо Загреб навистина скапо ја продадоа кожата на гостувањето против Манчестер Сити, губејќи само со 2-0. Отпорот на хрватскиот првак беше скршен во второто полувреме, а патот до мрежата на Ливаковиќ го најдоа „резервистите“ Стерлинг и Фоден.

ПСЖ го доби Галатасарај во Истанбул со 0-1 со погодокот на Икарди, додека Жоао Феликс и Парти донесоа победа на Атлетико Мадрид на гостувањето против Атлетико Мадрид (0-2).

Се вчитува...