Баерн заигра страшно, Борусија се спаси во финишот

Баерн Минхен во вистински момент влегува во топ-форма, па баварскиот гигант го декласираше Волфсбург со 6-0 како загревање за реваншот од Лигата на шампионите против Ливерпул. Отпорот на гостите беше скршен во финишот од првото полувреме, кога Баерн набрзина поведе со 2-0 преку Гнабри и Левандовски. Хамес Родригез на самиот почеток од вториот дел зголеми на 3-0, а до крајот на мечот меѓу стрелците се запишаа и Милер, Кимих и Левандовски, кој со својот втор гол стави печат на убедливата победа.

Рамо до рамо со Баерн во трката за титулата остана и Борусија Дортмунд, која по тешка борба го доби Штутгарт со 3-1. Пако Алкасер промаши две стопроцентни шанси при 0-0 и 1-0, но шпанскиот ас од трагичар се претвори во херој откако го постигна голот за победа во 84. минута. Претходно, Ројс го доведе домаќинот во водство по пеналот врз Санчо, а на 1-1 Штутгарт израмни по еден скратен корнер преку Кемпф. Конечните 3-1 во судиското продолжение ги постави Пулишиќ.

 

Резултати Германија:

Баерн М. – Волфсбург 6-0, Борусија Д. – Штутгарт 3-1, Лајпциг – Аугсбург 0-0, Фрајбург – Херта 2-1.

Се вчитува...