Бајевски: Вардар има најдобар тим во лигата, нашата цел е секако враќање во Првата лига!

Спортскиот директор на Вардар, Александар Бајевски пред стартот на пролетниот дел од сезоната во Втората лига – Запад вели дека основата цел на тимот е секако враќање во прволигашкото друштво.

Бајевски нагласува дека црвено-црните реализирале успешен трансфер-период со ангажманот на докажани фудбалски имиња меѓу кои пред се повратниците во тимот Гачевски, Мицевски и Демир…

„Со вчерашниот потпис на Бенјамин Демир го заокруживме овој зимски преоден рок во Вардар во кој покрај него ангажиравме уште четири нови играчи Филип Гачевски, Дарко Мицевски, Ване Јованов и повратникот од позајмицата во Осогово, талентираниот Иван Мицевски. Апсолутно сме задоволни од тоа како се одвиваше преодниот рок и драго ми е што доведовме се она што посакувавме, бидејќи засилувањата претставуваат огромен квалитет, репрезентативен калибар, потенцијал и влог во иднината. Играчките и човечките квалитети кои ги поседуваат им овозможија на сите новајлии брзо и лесно да се вклопат во системот и со својот професионален однос кон обврските да се прилагодат на нашите барања, свесни за тоа каква тежина носи вардаровиот дрес, сконцентрирани на основната цел зацртана од клубот која што е враќање во Првата лига. Доведовме играчи кои пред се знаат како се освојуваат титули со Вардар и кои се со целото срце во клубот“ – вели Бајевски.

Спортскиот директор на Вардар истакнува дека најтрофејниот македонски клуб го има најдобриот тим во лигата и тоа треба да го носи клубот до своите цели во иднина…

„Целосно верувам во тимот кој го имаме во моментов, убеден сум дека имаме најдобар тим во лигата и доволно квалитет да ги исполниме сите наши цели, не само во моментов туку и во иднина. Лично сметам дека тимот е 70% посилен од првиот дел на сезоната и не се сомневам дека истиот понатака се повеќе ќе напредува во сите сегменти. Помеѓу имињата кои го засилија тимот би го вклучил и Никола Ристески од кого очекуваме во потполност да го покаже својот полн потенцијал откако по доаѓањето подоцна се вклучи во натпреварувачкиот ритам. Посебно сме горди во клубот што на подготовките промовиравме и неколку млади играчи кои со својот однос и квалитет потполно ја оправдаа нашата доверба. Вардар мора да се потпира на своите деца и определба на клубот е токму тие да го сочинуваат костурот на тимот во иднина. Во името на клубот сакам да им се заблагодарам и на играчите кои во меѓувреме го напуштија клубот, за нивната професионалност и посветеност кон клубот и да им посакам успех во понатамопшниот дел од нивните кариери во и вон фудбалот. Им порачувам на сите навивачи и симпатизери на Вардар да продолжат да не поддржуваат на сите натпревари, да веруваат во овој тим, а сите ние во клубот ќе дадеме се од себе да ја оправдаме довербата и да се вратиме онаму каде што припаѓаме, а тоа е на врвот на македонскиот фудбал” – вели Бајевски.

Се вчитува...