Бајиќ: Со американски плејмејкер би биле 30% посилни, дали ќе останам ќе реши федерацијата

Драган Бајиќ го забележа и шестиот пораз во низа како селектор на Македонија, откако нашиот национален тим денеска загуби на домашен терен од селекцијата на Украина.

За разлика од претходните натпревари, овојпат македонската репрезентација во голем дел од мечот беше и подобар ривал на теренот, но како пресудна се покажа првата четвртина во која Украина одигра беспрекорно во нападот, постигнувајќи 35 поени за 10 минути игра.

„Честитки на Украинците за победата, се благодарам на публиката што дојде да ни даде поддршка. Не победивме, но се надевам дека луѓето кои дојдоа се задоволни од покажаниот карактер. Што се однесува до самиот меч, јасно е дека се реши во првата четвртина во која Украина одигра беспрекорно на шутерски план. Ние не бевме доволно фокусирани во одбраната за да ги запреме. Бевме хендикепирани на центарските позиции, поради што требаше да импровизираме во борбата под обрачите, а Украина имаше искусни и интелигентни кошаркари кои знаеја како да го искористат тоа. На полувремето им сугерирав на играчите дека мора да изгинеме на терен, да покажеме карактер, бидејќи мечот не е завршен. Видовте, успеавме да се вратиме, но во одредени моменти можеви имавме пад на концентрација и тоа придонесе вечерва да не триумфираме. Останува тагата што на ниту еден меч од овие квалификации не бевме комплетни, па не можевме да ја почувствуваме вистинската сила на оваа репрезентација“, истакна Бајиќ.

Тој го пофали карактерот на овие кошаркари што ги имаше на располагање, потенцирајќи сериозен проблем – што голем дел од играчите имаат помала минутажа во клубовите откако во репрезентацијата.

„Горд сум на овие момци што ги тренирав, а очигледен проблем е што овие кошаркари имаат поголема минутажа во репрезентацијата откако во своите клубови. Тоа не е добро за националниот тим. Кога дојдов не бев запознаен со ситуацијата во македонската репрезентација, како што реков сериозен проблем е кога играчите повеќе ви играат во селекцијата отколку во нивните екипи. Можеби и порано требало да се тргне во некој процес на подмладување… Ние и минатото лето направивме огромна работа кога без осум-девет играчи покажавме карактер и квалитет и се пласиравме во овие главни квалификации. Ни недостига американски плејмејкер, со кој би биле 30% посилни. Ова е долгорочен процес, кој ќе биде болен, бидејќи и самата криза е долгорочна. Предолго просекот на репрезентацијата беше над 30 години, според мене некогаш мора да дојде до подмладување дури и ако тоа значи жртвување на резултатот. Ситуацијата е таква, при секој нов собир треба да вадиме по некој друг млад играч“, изјави Драган Бајиќ.

Сепак, се уште е неизвесно дали Бајиќ ќе остане на кормилото, бидејќи допрва ќе следат разговори со раководството на КФСМ.

„Договорот што го имам како селектор беше врзан со резултатите на овие квалификации, јас треба да седнам на маса со челниците на федерацијата, за кои можам да кажам само најдобри работи. Толку пријатно се чувствувам овде когаи да дојдам, имав и сериозни здравствени проблеми и операција на грбот. Јас го ризикувам здравјето, сакам да останам селектор бидејќи не можам да им кажам дека повеќе нема да бидам селектор. Последниот збор сепак ќе го имаат челниците на федерацијата. Ако некој мисли дека јас сум главниот проблем, дека кошарката ќе процвета, тоа веднаш ќе го решиме“, изјави Бајиќ.

Се вчитува...