Бајката на Лазаров ќе заврши во Египет, онаму каде што почна пред 22 години

Македонија ќе биде дел од ракометниот мундијал во Египет, откако чешката селекција во последен момент го откажа патувањето на СП поради голем број случаи на Covid-19 во таборот на оваа репрезентација. Нашиот национален тим ќе го одржи континуитетот од настапип на големите натпреварувања, но она што е исто така многу значајно – Кире Лазаров ќе има можност да игра на уште еден мундијал, и тоа на местото каде што нашата ракометна легенда го почна својот пат кон „ѕвездите“ на репрезентативно ниво пред 22 години.

Се играше СП во 1999 година, исто така во Египет, кога стручниот штаб на нашата национална селекција реши да му даде доверба на 19-годишното момче од Свети Никола, кое важеше за најголем талент во мак-ракометот. Се покажа како извонреден потег, бидејќи искуството што Лазаров го доби беше од голема корист за тој набрзо потоа да прерасне во лидер на националниот тим.

Оттаму почна патот до елитата, македонскиот „бомбардер“ во меѓувреме стана најдобар стрелец на светските и на европските шампионати, а прекрасна е симболиката, тој своето последно светско првенство да го одигра онаму каде што за првпат се појави на големата сцена, во „земјата на фараоните“.

Се вчитува...