Балог: Предноста на Вардар е достижна

Македонскиот ракометен првак Вардар одигра фантастично на првиот четвртинален меч од Лигата на шампионите и го совлада фаворизираниот Пик Сегед со 31-23. Унгарскиот репрезентативец Золт Балог пред реваншот верува дека неговиот тим може да ја анулира предноста од првиот меч и да се квалификува на Ф4 турнирот во Келн.

„Ако не веруваме дека можеме да направиме пресврт, не треба ни да излеземе на терен. Беше многу тешко за нас во Скопје, но веруваме дека сме подготвени за големи работи. Мораме да ја подобриме играта во одбрана која ќе ни донесе лесни погодоци. Кога се вративме од Скопје голем дел од нашите навивачи не пречекаа да ни дадат поддршка, верувам дека со нивната помош ќе можеме во недела да стигнеме до победата“, изјави Балог. 

За искусниот унгарски ракометар натпреварот во недела ќе биде последен европски меч пред публиката во Сегедин, бидејќи следната сезона се сели во тимот на Татабања.

„Размислувам многу за во недела. Го играм последниот меч во Лигата на шампионите на домашен терен за Пик Сегед. Поминав многу убави години во клубот и навистина сакам со пласман на Ф4 да ја заокружам убавата приказна“, заврши Балог. 

Четвртфиналниот натпревар меѓу Пик Сегед и Вардар ќе се игра во недела со почеток во 19 часот.

Се вчитува...