Балотели назад во Италија: Јуве и Наполи ми се симпатични

Марио Балотели продолжува со одлични игри во дресот на Ница, но повеќе од јасно е дека италијанскиот голгетер по истекот на договорот на крајот од сезонава ќе ги промени клупските бои. Интерес веќе искажаа неколку англиски премиерлигаши, но Супер Марио не крие дека многу сериозно ја разгледува и можноста за камбек во татковината, и тоа во некој од врвните италијански прволигаши.

„Сите преговори му ги оставив на агентот Раиола, тој разговара со клубовите. Искрено, мислам дека во последните две години созреав и подготвен сум да се вратам во Италија. Во Милан би било многу тешко да се добие и трета шанса, но Јувентус и Наполи ми се многу симпатични екипи“ – изјави Балотели.

Тој напомена и дека очекува во скоро време повторно да го облече дресот на италијанскиот национален тим.

„Вентура дојде минатата сезона во Ница, пред мечот со ПСЖ, разговаравме долго, но веднаш ми стана јасно дека никогаш нема да ме повика. А јас и лани заслужував да се вратам во репрезентацијата. Сега кога него го нема на клупата, верувам дека јас наскоро повторно ќе го облечам дресот на Италија“ – истакнува Марио Балотели.

Се вчитува...